НБА ѕвезда потпиша договор од 40 милиони долари, па доби мистериозна болест

Кошаркарот на Голден Стејт, Кристапс Порзингис го пропушти целиот подготвителен камп на својот тим и сите пет претсезонски натпревари поради непознати здравствени проблеми.

Ситуацијата е загрижувачка, со оглед на тоа што летово потпиша нов двегодишен договор вреден 40 милиони долари. Клубот не објави кога би можел да се врати на тренинзите, а сезоната за Вориорс започнува на 21 октомври со натпревар против Лејкерс.

Порзингис во вторникот се појави во клупскиот камп, но не тренираше. Тој разговараше со генералниот менаџер Мајк Данливи и главниот лекар на тимот, Рик Челебрини. По состанокот, Вориорс само потврдија дека Порзингис и понатаму нема да тренира, но ќе биде со екипата. Ниту клубот ниту играчот не ги открија деталите од разговорот.

Главниот тренер Стив Кер изјави дека не знае за што точно станува збор и кога би можел да смета на Летонецот. Во меѓувреме, Порзингис се огласи на социјалните мрежи за да ги прекине шпекулациите за неговата здравствена состојба.

„Здраво на сите, соработувам со лекари и специјалисти за што побрзо да бидам целосно здрав. Искрено, се чувствувам сè подобро. Само треба да бидам трпелив и верувам дека наскоро повторно ќе се чувствувам одлично“, напиша тој.

Додаде дека е фрустрирачки да се соочува со здравствени проблеми врз кои нема никакво влијание.

„Здравјето е богатство. Ви благодарам за поддршката“, порача тој.

Во објавата се осврна и на гласините, па саркастично им се заблагодари на интернет-лекарите кои се обидуваат да поставуваат дијагнози, а потоа заклучи: „Немам ХИВ ниту СИДА.“