Проблеми за Ѓоковиќ, Торино е сѐ подалеку
Ходар до полуфиналето во Шангај стигна по голем пресврт против Норвежанецот Каспер Руд. Шпанецот го загуби првиот сет со 4-6, но потоа ја презеде контролата и ги освои следните два сета со 6-4 и 6-3, за победа што му донесе важни бодови во борбата за настап на завршниот турнир на осумте најдобри тенисери во сезоната.
Со овој резултат, 20-годишниот Шпанец стигна до 2.909 бодови во годишната трка за Торино и се искачи на деветтото место. Ѓоковиќ, според актуелниот пресек на бодовите, има 2.840 бодови и е на 11. позиција, додека меѓу нив се наоѓа и Австралиецот Алекс де Минор. За српскиот ас ова е дополнителен притисок во завршницата на сезоната. Само осум тенисери ќе обезбедат место на завршниот турнир во Торино според годишната трка, па Ѓоковиќ ќе мора да освојува бодови на преостанатите турнири ако сака да ја продолжи традицијата на настапи на големото финале. Проблем е тоа што засега е пријавен само за Мастерсот во Париз, додека за останатите турнири „виси“ неговото учество.
Ходар, од друга страна, е едно од најпријатните изненадувања во сезоната. Младиот Шпанец игра одлично во Шангај, каде што четири натпревари по ред успеа да се врати по загубен прв сет. Со пласманот во полуфиналето, тој стана најмладиот полуфиналист во историјата на овој Мастерс-турнир. Во полуфиналето Ходар ќе се соочи со Данил Медведев, кој го совлада Томи Пол со 6-3, 1-6 и 6-3. Доколку продолжи со победите, Шпанецот ќе има можност дополнително да ја зголеми предноста во трката за Торино и да го направи патот на Ѓоковиќ до завршниот турнир уште потежок.