Алкараз дочека: Во Токио се израдува на првата титула по 247 дена (ВИДЕО)

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз ја освои титулата на турнирот од серијата 500 во Токио.

Третиот најдобар тенисер во светот во финалето го совлада Јиржи Лехечка во два сета со 7-6 (4), 6-4, по нешто повеќе од час и половина игра.

Со тоа, Алкараз стигна до својата прва титула уште од февруари, кога во Доха го освои трофејот на Катар опен. Сезоната потоа се претвори во вистински ролеркостер поради тешката повреда на десниот зглоб. Повредата го оддалечи од терените речиси четири месеци и целосно му ги промени плановите.

На патот до финалето ги елиминираше Микелсен, Арналди, Шаповалов и сонародникот Мунар, но не помина без проблеми.

Со исклучок на Канаѓанецот, кој му го предаде мечот, Алкараз во секој од останатите натпревари имаше периоди на криза. Микелсен и Мунар му земаа по еден сет, додека Арналди беше блиску до тоа, но пропушти дури четири сет-топки. Ниту финалето не беше исклучок. Лехечка уште во првиот гем направи брејк, но му дозволи на Алкараз да се врати на 3-3, а потоа во тај-брејкот да стигне и да ја искористи првата и единствена сет-топка.

Вториот сет траеше речиси двојно пократко и немаше ни приближно толку драматичност како првиот. Алкараз ја искористи единствената брејк-шанса во седмиот гем и потоа го задржа водството до крајот за да ја завери првата титула по пауза од дури 247 дена.