Португалија може да загуби милиони поради заминувањето на Роналдо

Заминувањето на Кристијано Роналдо од репрезентативниот камп на Португалија може да има последици кои ќе го надминат фудбалскиот терен. Во случај дојде до траен прекин на соработката меѓу капитенот и репрезентацијата, Португалската фудбалска федерација би можела да се соочи и со значителни финансиски загуби.

Роналдо го напушти кампот по случувањата во пресрет на натпреварите на Португалија, а неговото заминување веднаш отвори прашања за иднината на најголемата ѕвезда во историјата на португалскиот фудбал.

Маркетинг-експертот Карлос Коељо за португалската државна телевизија предупреди дека евентуалното повлекување на Роналдо би претставувало сериозен комерцијален удар за федерацијата.

„Постојат стотици милиони луѓе ширум светот кои ја гледаат Португалија само поради Кристијано Роналдо“, истакна Коељо.

Слично мислење има и Даниел Са, извршен директор на Португалскиот институт за маркетинг и администрација. Според него, финансиски гледано, во португалскиот фудбал ќе постои период пред и период по Роналдо.

Финансиските размери на федерацијата се значителни. Португалската фудбалска федерација ја заврши сезоната 2024/25 со приходи поголеми од 131 милион евра, што беше рекорд во нејзината историја. За сезоната 2025/26, проектираните приходи надминаа 146 милиони евра. Само телевизиските права, спонзорствата и комерцијалните активности сочинувале околу 53 милиони евра од планираните приходи за сезоната 2024/25. Токму во овие сегменти влијанието на Роналдо е особено значајно.

Неговата медиумска вредност дополнително ја покажуваат податоците од студијата на NOSSA Sports и Felton, спроведена за време на Светското првенство во 2026 година. Само 29 објави на Роналдо биле проценети на околу 85,2 милиони евра во вредност на публиката, додека 565 објави на официјалните канали на португалската репрезентација достигнале проценета вредност од околу 68,1 милион евра.

Овие бројки не претставуваат директен приход за федерацијата, но ја покажуваат огромната комерцијална и медиумска моќ што ја има Роналдо. Затоа, евентуалното трајно заминување на 41-годишниот капитен би можело да биде многу повеќе од спортска загуба за Португалија. Федерацијата би можела да се соочи и со сериозни предизвици во однос на спонзорствата, маркетингот, медиумскиот интерес и глобалната вредност на репрезентацијата.