Бура во ирската репрезентација: Петмина фудбалери одбиваат да играат против Израел
Ирската репрезентација сè уште не го напуштила хотелот, додека прес-конференцијата која требаше да се одржи пред тренингот е откажана. Дополнително, се појавиле информации дека дел од фудбалерите се против настапот на Израел.
Меѓу имињата кои се споменуваат е и голманот Гевин Базуну. Тој на состанокот на репрезентативците одржан синоќа наводно јасно кажал дека не сака да игра. Сепак, овие информации во моментот не се официјално потврдени од Ирската фудбалска асоцијација. Темата околу натпреварите со Израел веќе подолго време предизвикува реакции во Ирска. Играчот од средниот ред Џејсон Најт во петокот јавно изјави дека смета оти натпреварот не требало да се игра, станувајќи првиот ирски фудбалер кој отворено го изнесе таквиот став. Сепак, тој истакна дека натпреварот се игра и дека играчите дополнително ќе разговараат за ситуацијата.
Ирскиот селектор Хајмир Халгримсон претходно исто така зборуваше за непријатноста во репрезентативниот табор поради натпреварите со Израел. Во меѓувреме, Фудбалската асоцијација на Ирска одлучи натпреварите да се одиграат, а двата дуели се преместени на неутрални терени. Првиот е закажан во Дебрецен, Унгарија, додека реваншот на 4 октомври ќе се игра во Бачка Топола, Србија.