Роналдо: Можеби ќе прекинам да играм за Португалија , ама за едно 10 години!
Четириесет и едногодишниот капитен на Португалија, во пресрет на премиерниот натпревар против Велс од новото издание на Лигата на нации, јасно порача дека неговиот фокус е исклучиво насочен кон сегашноста. Иако претходно ова лето најави дека актуелната сезона веројатно ќе биде негова последна во богатата кариера, Роналдо на главната сцена на конференцијата „Португалски фудбалски самит“ истакна дека сè уште има што да ѝ понуди на својата земја, наметнувајќи се како лидер во уште еден репрезентативен циклус.
Сепак, иконата на португалскиот фудбал нагласи дека е целосно подготвен да ја напушти репрезентацијата во истиот момент кога стручниот штаб ќе го побара тоа од него.
„Ако селекторот не смета на мене, можам да си заминам уште денеска, нема никаков проблем. Кога ќе почувствувам дека повеќе не придонесувам, дека не помагам на теренот, не давам голови, создавам лоша атмосфера или дека овде не ме сакаат, јас прв ќе ги спакувам куферите. Знам зошто децата го сакаат Кристијано, бидејќи ме гледаат како пример, а јас ќе продолжам да го правам тоа. Дури и кога ќе бидам во пензија, тоа за најмалку 10 години! Задоволен сум од себе. Не е важно дали играм утре, дали одмарам на следниот натпревар. За мене е најважно да се чувствувам добро“, изјави Роналдо.
Националниот тим неодамна претрпе големи промени, откако по Светското првенство кормилото го презеде искусниот Жорж Жезус. Роналдо го опиша доаѓањето на 72-годишниот стратег како „почеток на нова ера“ и совршен избор за наследник на Роберто Мартинез. Ваквата соработка не е непознаница за нив двајца, со оглед на тоа што минатата година успешно соработуваа во саудискиот клуб Ал-Наср. Покрај репрезентативните амбиции, Роналдо потврди дека неговата лична цел останува достигнувањето на бројката од неверојатни 1.000 погодоци во кариерата.
„Веќе кажав дека сакам да го постигнам тоа и ќе го направам, но тоа не е опсесија. Тоа би било шлаг на тортата. Постигнувањето на илјадитиот гол во дресот на репрезентацијата би бил круна на една прекрасна приказна. Престар сум за да размислувам за иднината, за мене сегашноста е најважна работа“, истакна Португалецот.
На крајот од своето излагање, тој во свој стил остро одговори на долгогодишните медиумски критики, нагласувајќи дека новинарите со години се обидуваат да го „убијат“.
„Тоа нема да се случи под никакви услови, дури ни со сачмарка“, низ смеа порача легендарниот напаѓач.
Португалија, која е освојувач на Лигата на нации во 2019 и во 2025 година, го започнува новото издание на ова натпреварување вечерва со натпревар против селекцијата на Велс во Лисабон. Во рамките на нивната група, Португалците силите ќе ги одмерат и со репрезентациите на Данска и Норвешка.