Бура на Островот: Пет ѕвезди му откажаа на Тухел

Селекторот на англиската репрезентација Томас Тухел, се соочи со сериозен проблем уште пред почетокот на новиот репрезентативен циклус. Само 48 часа по објавувањето на списокот, дури петмина фудбалери го откажаа настапот за националниот тим.

Станува збор за Кол Палмер, Деклан Рајс, Коби Мејну, Маркус Рашфорд и Тино Ливраменто. Како причина за нивното отсуство се наведуваат различни физички проблеми и повреди.

Најмногу внимание привлече случајот со Палмер. Фудбалерот на Челзи повторно беше повикан од Тухел, откако не се најде на списокот за Светското првенство. Германскиот стручњак неодамна порача дека Палмер мора да го подигне нивото на игра за повторно да се наметне како редовен репрезентативец. Само неколку дена подоцна, Палмер одигра 90 минути против Брентфорд, но потоа пријави проблем со мускулот и го откажа настапот за Англија.

Проблеми има и Деклан Рајс, кој ги одигра сите 90 минути за Арсенал против Брајтон. Коби Мејну и Маркус Рашфорд, пак, настапија за Манчестер Јунајтед против Фулам, но двајцата по натпреварот се пожалија на физички проблеми. Рашфорд беше заменет во текот на натпреварот, додека Мејну одигра 80 минути. Ливраменто, од друга страна, го пропушти последниот натпревар на Њукасл и исто така не е подготвен за репрезентативните обврски. Тухел поради петте откажувања мораше да реагира и да повика дополнителни фудбалери. На списокот се најдоа Морган Гибс-Вајт од Нотингем Форест и Џејмс Гарнер од Евертон.

Ситуацијата дополнително привлече внимание поради фактот што дел од англиските медиуми започнаа да поставуваат прашања дали сите откажувања се исклучиво поврзани со повреди. Сепак, засега нема потврда дека станува збор за организиран бојкот или за несогласување меѓу играчите и селекторот. Пред Англија е исклучително тежок период. Репрезентацијата ја очекуваат натпревари против Шпанија, Чешка и Хрватска, а Тухел ќе мора да најде решение без петмина играчи кои првично ги планираше во составот.

Селекторот в петок ќе се обрати пред медиумите и се очекува да даде повеќе детали за состојбата со повредените фудбалери и за причините поради кои остана без значаен дел од својот првичен список.