Наполи не ја оправда улогата фаворит во Фиренца - Хименез му ја „украде“ победата (ВИДЕО)

Екипата на Наполи не успеа да ја оправда фаворитската улога и освои само бод на гостувањето кај Фиорентина (1-1) во првиот натпревар од денешната програма во италијанската Серија А.

Наполитанците со ова реми пропуштија шанса првпат да врзат две победи по ред, додека домаќините можат да бидат задоволни бидејќи ја продолжија низата на три натпревари без пораз. Гостите од Неапол подобро го отворија натпреварот и први стигнаа до предност. Во 23. минута, по една одбиена топка, шкотскиот интернационалец Били Гилмор се најде на вистинското место и со прецизен удар го совлада голманот Давид Де Хеа.

Иако Фиорентина се обиде веднаш да одговори, Наполи замина на одмор со минимална предност. Сепак, домашниот тим навреме се врати во игра веднаш по почетокот на вториот дел. Во 51. минута, Алехандро Хименез реагираше најдобро во противничкиот шеснаесетник и ја затресе мрежата за 1-1. За него ова е продолжување на одличната форма, откако претходно забележа две асистенции на мечевите против Венеција и Пиза.

До крајот на натпреварот и двата тима имаа свои моменти, но мрежите мируваа. По пет одиграни кола, Наполи се наоѓа на деветтата позиција со вкупно седум бода, додека Фиорентина има четири бода на своето конто и се наоѓа на две места над опасната зона за испаѓање.