Меси испиша нова страница во историјата - 100. гол за Интер Мајами, 49. трофеј во кариерата (ВИДЕО)
Куп на шампионите, всушност, е дуел на прваците на МЛС и мексиканската лига кој традиционално се одржува од 2018 година. Првиот гол на натпреварот беше 100. погодок за Меси во дресот на Интер Мајами. Аргентинецот погоди во 24. минута погоди со глава по одличниот центаршут на Луис Суарез. Тоа беше негов гол на 115. настап за американскиот клуб во сите натпреварувања.
Интересно, токму со глава Меси стигна до јубилејниот погодок, иако воздушните дуели не се она по што најчесто се препознава неговата игра. Со него има уште еден куриозитет: Меси го постигнал и својот прв гол за Интер Мајами против Круз Азул, што го прави мексиканскиот клуб противник и за првиот и за стотиот погодок на Аргентинецот во дресот на Мајами.
Круз Азул имаше можност да израмни, но ударот на Габриел Фернандес заврши во стативата. Интер Мајами потоа го реши натпреварот во 81. минута. Меси изведе корнер, а Каземиро со удар со глава ја испрати топката во мрежата за конечни 2-0.
Со новиот трофеј Меси дополнително го зголеми своето водство на листата на најтрофејни фудбалери. Втор на таа листа е неговиот поранешен соиграч од Барселона, Дани Алвеш, со 45 трофеи.
Победата има дополнителна тежина бидејќи дојде на првиот натпревар на новиот тренер на Интер Мајами, Кристијан „Кили“ Гонзалес. Аргентинскиот стручњак беше назначен непосредно пред финалето, откако клубот претходно се раздели со Хавиер Маскерано.