Нант прв гостин во скопскиот вулкан - Вардар оди по првите бодови во ЛШ!

Денеска од 18:45 часот Вардар против Нант го игра првиот натпревар на домашен терен сезонава во ракометната елита, а во него влегуваат по поразот на гостинските терен кај Мелсунген во првото коло.

Во Германија избраниците на Чупиќ покажаа дека можат да парираат на силните предизвици, а сега во „Јане Сандански“ ќе ја имаат и големата поддршка од навивачите.

Стратегот на вардарци има проблеми и со ростерот, Милан Лазеревски поради повреда на рамото сигурно ќе го пропушти и овој дуел, а под знак прашалник е настапот на Жоао Педро Да Силва. Поради суспензија исто така нема да може да помогне и Урош Митровиќ кој ќе го нема и на следните два натпревари во Лигата на шампионите.

„Како што кажав и кога дојдов, имав можност да играм во ‘Јане Сандански’ кога Вардар беше во своите најдобри години, а сега можноста да настапувам тука во дресот на Вардар е уште поголема мотивација. Дерби-натпреварите ми се голема мотивација, како и европските натпревари во Лигата на шампионите“, порача Јака Малус пред дуелот.

Атмосферата Вардар ќе ја загрева и со навивачка фан зона која ќе биде отворена на два часа пред почетокот на дуелот пред салата „Јане Сандански“.