Вардар на гостување од кое бодовите се однапред запишани
Со оглед на тоа што кумановскиот тим е на последното место на табелата со само три бода и 18 примени гола, за Вардар се освен победа на овој меч ќе биде еднакво на катастрофа. Башкими во минатото коло го изненади Скопје на негов терен, совладувајќи го со 2-1, но тоа не му помогна да се одлепи од дното што е последица на претходните пет порази во низа во кои постигна само еден гол.
На Вардар не му цветаат рози оваа сезона, има многу интерни проблеми, но ако денеска очекувано ја заврши својата работа, ќе се доближи на само три бода до лидерот Шкендија што во вакви услови е извонреден успех. За „црвено-црните“ ова ќе биде само трето гостување оваа сезона во домашното првенство и ќе се бори за првата победа, имајќи предвид дека претходно загуби од Струга и ремизираше со Тиквеш.
Минатата сезона Вардар и Башкими одиграа три натпревари и кумановскиот тим не постигна ниеден гол. Првиот меч заврши 0-0, а потоа Вардар славеше со 1-0 и 2-0, по еднаш на домашен и гостински терен.
Седмото коло од Првата македонска фудбалска лига почна вчера со два дуела, а по еден ќе се одигра утре и в понеделник.