Шокантна прогноза: На Ѓоковиќ му помина рокот на траење – крајот му е блиску!

Легендарниот американски тенисер, Џон Мекинро, отворено зборуваше за моменталната форма на Новак Ѓоковиќ, анализирајќи ја неговата шокантна елиминација во првото коло на Ју-Ес Опен и шпекулирајќи за тоа колку долго српскиот тенисер ќе остане на професионалната сцена.

Според американскиот стручњак, иако Србинот имаше одлична низа на претходните турнири, годините и физичките проблеми очигледно го земаат својот данок. Популарниот Ноле неочекувано го заврши настапот на гренслем турнирот во Њујорк уште во воведната рунда, по натпреварот против Маријано Навоне во кој се мачеше со физичката подготвеност, жалејќи се на мачнини и повраќање поради жештината и влажноста на воздухот. Мекинро истакна дека ваквиот епилог бил изненадувачки со оглед на претходните изданија на српскиот ас.

„Од една страна, мислите дека е во ред, очигледно тоа го стигнува како што се случува со секој спортист во одреден момент. Од друга страна, имаше неверојатна низа. Го победи Синер во Австралија, стигна до финалето, го освои првиот сет против Карлос Алкарас и играше добро. Потоа стигна до полуфиналето на Вимблдон, имаше одлична победа над Феликс Оже-Алијасим во претходната рунда. Тоа ми зборуваше пред Ју-Ес Опен дека веројатно е третиот или четвртиот најдобар играч во светот. Затоа, она што го видовме во првото коло беше шокантно“, изјави Мекинро.

Осврнувајќи се на физичките проблеми со кои се соочи Ѓоковиќ за време на турнирот, поранешниот светски рекет број еден потенцираше дека не е сигурен што точно се случува со српскиот тенисер.

„Не знам што се случува со него. Жештината и влагата. Тоа е нешто што може да биде проблем за секого. Не знам што ќе се случува понатаму. Сигурно размислува за тоа што е следно, но истовремено, не мислам дека би сакал да замине на тој начин. Треба да го направи она што го прави среќен“, додаде Американецот.

На прашањето дали 2027 година ќе биде последна во професионалната кариера на Ѓоковиќ, Мекинро смета дека тоа е многу веројатно сценарио, имајќи ја предвид неговата возраст и спортската биологија.

„Сигурно би помислиле така. Има 39 години, кога за повеќето луѓе од тенисот, вклучувајќи ме и мене, веќе одамна поминал рокот на траење. Не сакаш да дојдеш до некоја точка и да кажеш: 'Зошто застанав кога можеби можев да освојам повеќе титули'. Тоа е отприлика она со кое се соочува Новак. Стигна до финалето во Австралија. Тој вели можеби би можел да освојам уште една. Дали ќе престане следната година? Изгледа дека ќе биде наскоро. Би помислиле дека тоа е голема веројатност, но ќе мораме да почекаме и да видиме“, заклучи Мекинро.