Капитенот на чекор до магичната бројка: Војдан наскоро ќе го запише 100. настап за Македонија!

Македонскиот репрезентативец Војдан Стојановски се наоѓа на чекор до бројката од 100 настапи во дресот на националниот тим, откако попладнево против Австрија во Виена во вториот циклус од претквалификациите за Евробаскетот 2029 ќе го одигра 99. натпревар за жолто-црвените.

Стојановски е рекордер по број на настапи за Македонија, а се очекува да одигра и денеска важна улога во пресметката против Австрија.

„За мене отсекогаш било чест и задоволство да играм за Македонија. Секогаш со голема гордост го носам националниот дрес и сакам да дадам сè од себе за репрезентацијата. Без разлика колку настапи имаш зад себе, секој нов натпревар е посебен и секогаш имаш дополнителна мотивација кога играш за својата земја. Во спортот има тешки моменти, има и моменти кога можеби е најлесно да се откажеш, но кога станува збор за Македонија, секогаш наоѓаш сила да продолжиш. Знаеме што ни значи овој дрес и ќе се бориме до крај, на секој натпревар, да го дадеме нашиот максимум“, кажа капитенот на Македонија.

Македонија денеска ѝ гостува на Австрија во Виена од 16.05 часот. 

Фото: КФМ