Атлетико Мадрид пресилен за Севиља – како гостин ја растури за едно полувреме (ВИДЕО)

Екипата на Атлетико Мадрид со фантастично прво полувреме славеше убедливо на тешкото гостување кај Севиља (3-1), нанесувајќи им го на Андалузијците првиот пораз во новата сезона во Ла Лига.

Избраниците на Диего Симеоне тргнаа фуриозно и го отворија резултатот уште во 4. минута. По одличното проигрување од Ли Канг-Ин, Алекс Баена мајсторски го совлада домашниот голман Одисеас Влаходимос за експресно водство од 0-1. Мадриѓаните продолжија со офанзивниот притисок, што резултираше со втор погодок во 26. минута, кога Адемола Лукман ја затресе мрежата за комотни 2-0. Домаќините беа целосно нокаутирани веќе во 33. минута по новата брза акција на Атлетико, кога Маркос Љоренте асистираше, а расположениот Баена со својот втор гол зголеми на убедливи 3-0.

Севиља се обиде да се врати во игра во вториот дел и успеа да намали на 1-3 преку Матијас Сиера во 66. минута, но тоа беше сè што успеа да направи домашниот тим. „Јорганџиите“ искусно го затворија просторот до крајот и рутински ги заверија трите бода.

По три одиграни кола, Атлетико Мадрид останува непоразен со седум освоени бода од две победи и едно реми, додека Севиља по одличниот старт со два триумфи мораше да се помири со првиот сезонски пораз.