Федерер по „милион“ победи и трофеи вечерва и официјално станува – бесмртен!

Швајцарската тениска икона, Роџер Федерер, вечерва и официјално влегува во вечноста со прием во тениската Куќа на славните во Њупорт (САД), како единствен член на престижната класа за 2026 година.

Нешто повеќе од пет години по неговиот последен професионален настап во сингл, 45-годишниот швајцарски маестро го зазема своето место меѓу бесмртните великани на „белиот спорт“. Зад легендарниот Швајцарец останува кариера испишана со неверојатни бројки и рекорди:

- 103 АТП титули, од кои 20 гренд слем трофеи

- 1.251 победа во 24-годишната професионална кариера

- 310 недели на врвот на АТП листата, вклучувајќи го и апсолутниот рекорд од 237 последователни недели како светски број еден

- 6 трофеи од завршните Мастерс турнири и 28 титули од серијата Мастерс 1000

- 10 последователни гренслем-финалиња (Вимблдон 2005 – УС Опен 2007), 23 полуфиналиња по ред и 36 последователни четвртфиналиња на најголемите турнири.

Иако имаше негативен меѓусебен скор против своите најголеми ривали – Новак Ѓоковиќ (23-27) и Рафаел Надал (16-24) – големината на Федерер отсекогаш ја надминуваше обичната статистика. Со препознатливиот префинет еднорачен бекхенд, разорниот форхенд, совршената игра на мрежа и елеганцијата во движењето, Швајцарецот создаде магија што привлече милиони фанови ширум светот, оставајќи траен печат како еден од највлијателните спортисти во историјата.