Компјутерот не лаже: Откриена „магичната граница“ за место во ТОП 8 во ЛШ!

За директен пласман меѓу најдобрите осум екипи и избегнување на плејофот во новата сезона од Лигата на шампионите (ЛШ), клубовите ќе мора да целат кон „магичната бројка“ од 16 освоени бода.

Искуствата од првите две сезони во новиот лигашки формат даваат јасна слика за тоа што е потребно за преживување и директен билет во осминафиналето. Симулациите на статистичката платформа „Опта“ покажуваат дека 15 бода се солидна основа, но практиката докажува дека само 16 бода носат речиси сигурно место во елитното друштво. Бројките од претходните години се најдобар доказ за тоа.

Во сезоната 2024/25, Астон Вила го зграпчи осмото место токму со 16 бода, додека Аталанта остана деветта и мораше во плејоф со 15. Следната сезона се повтори истата приказна — Манчестер Сити беше осми со 16 бода, а Реал Мадрид мораше да се задоволи со деветтата позиција со 15 бода. Битката за пласман во топ 24, која обезбедува барем место во плејофот, нуди малку поголема неизвесност. Во премиерната сезона од новиот формат за ова беа неопходни 11 бода, додека минатата сезона границата падна на само девет бода — колку што освоија Бенфика, Марсеј, Пафос и Унион Сен Жил.

Заклучокот пред новата европска есен е јасен - 16 бода гарантираат мирно спиење и директно осминафинале, додека 10 до 11 бода се реалната цел за продолжување на европскиот сон преку баражот.