Федерер влегува во Тениската куќа на славните

Роџер Федерер утре и официјално ќе стане член на Меѓународната тениска куќа на славните во Њупорт, Род Ајленд. Швајцарската тениска легенда ќе биде примена на свечена церемонија заедно со поранешната тенисерка и телевизиска аналитичарка Мери Карило.

Федерер, кој неодамна наполни 45 години, зад себе остави една од најбогатите кариери во историјата на тенисот. Освои 20 гренд слем титули, 103 трофеи на АТП-турнејата и помина 310 недели на првото место на светската ранг-листа.

Во пресрет на свеченото воведување, Швајцарецот зборуваше за животот по завршувањето на професионалната кариера и откри дека со текот на времето неговиот поглед кон успехот значително се променил. Федерер истакна дека денес за него не се најважни само победите и трофеите, туку начинот на кој се однесувал кон луѓето во текот на кариерата и впечатокот што го оставил зад себе.

Пред заминувањето во Њупорт, Федерер имаше и емотивно враќање на „Артур Еш“ во Њујорк, каде што настапи на специјален егзибициски настан во рамките на неделата посветена на навивачите пред УС Опен. Тоа беше негов прв настап на терените во Флешинг Медоус од 2019 година. Швајцарецот одигра сет против Енди Родик, а потоа настапи и во двојки со Џон Мекинро против Родик и Андре Агаси.

Федерер во Њујорк повторно доби овации од публиката, а сега го очекува уште еден свечен момент – официјално место меѓу најголемите имиња во историјата на тенисот.