КФМ одлучи: Соколи 1933 и официјално е нов член на Суперлигата!

Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) соопшти дека ги разгледала пријавите и документацијата и донела одлука Соколи Штип да го пополни испразнетото мето во Суперлигата за натпреварувачката сезона 2026/27.

Соколи 1993 од Штип ги исполнил условите за натпреварување во македонската елита, додека Феникс 2010 и Шкупи „извисиле“ во битката за место во Суперлигата на Македонија.

„Кошаркарската федерација на Македонија ја известува јавноста дека, по разгледување на пристигнатите пријави и целокупната доставена документација, а согласно Статутот, Правилникот за натпреварување, Регистрацискиот правилник, Пропозициите за натпреварување, Правилникот за лиценцирање и одлуките на Управниот одбор на КФМ, комисијата за лиценцирање утврди дека КК „Соколи 1933“ – Штип ги исполнува условите за пополнување на испразнетото место во Супер лигата – мажи за натпреварувачката сезона 2026/27.

За испразнетото место конкурираа КК „Соколи 1933“ – Штип, КК „Феникс 2010“ – Скопје и КК „Шкупи“ – Скопје.

КК „Феникс 2010“ – Скопје во моментов не ги исполнува условите за пополнување на испразнетото место, согласно член 7.1.3 од Пропозициите за натпреварување, како и член 24 од Правилникот за натпреварување на КФМ.

КК „Шкупи“ – Скопје, кој во сезоната 2025/26 не учествуваше во системот на натпреварување, откако поради неисполнети финансиски обврски не го оствари правото на настап во Првата македонска лига – мажи, не ги исполни пропишаните услови за стекнување право на настап во највисокиот степен на натпреварување, согласно член 41 од Правилникот за натпреварување, член 7 од Регистрацискиот правилник, како и условите утврдени во постапката за лиценцирање.

Имајќи го предвид наведеното, како и надлежноста на Управниот одбор на КФМ за утврдување на системот и начинот на пополнување на лигите, Комисијата за лиценцирање предлага до Управниот одбор на КФМ, КК „Соколи 1933“ – Штип да го пополни испразнетото место во Супер лигата – мажи за сезоната 2026/27“, се вели во соопштението на КФМ.

Следната сезона во Суперлигата ќе настапат КК МЗТ Скопје Аеродром – Скопје, КК Маџари – Скопје, КК Пелистер – Битола, КК ТФТ – Скопје, КК Кожув – Гевгелија, КК Тиквеш  – Кавадарци, МКК Куманово – Куманово, КК Работнички – Скопје, КК Струмица 2001 – Струмица и КК Соколи 1933 – Штип.

Фото: Соколи 1933 – Штип/Facebook