Мирковски: Целта е јасна - Работнички да се врати на врвот!
На клупата останува Владимир Мирковски, кој ја почнува својата втора кампања на кормилото на сениорскиот тим на 15-кратниот првак. Со новата управа и стручниот штаб, тимот од Градски парк најавува враќање на клубот во самиот врв на македонската кошарка.
„Имаме нова управа, нова енергија и заедничка цел – да го вратиме Работнички таму каде што му е местото – на врвот.
Минатата сезона беше турбулентна, но нè направи единствени. Го задржавме костурот на тимот, донесовме неколку засилувања на дефицитарните позиции и создадовме одличен спој на младост и искуство. Нашите амбиции се јасни – очекуваме да играме финале.
Закажавме девет пријателски натпревари, со домашни и странски екипи, што ќе ни ја дадат вистинската слика за квалитетот и подготвеноста на тимот пред почетокот на сезоната. Очекувам максимално залагање, дисциплина и посветеност од секој кошаркар“, вели Мирковски на почетокот на подготовките за новата сезона.
Со задржан костур, неколку нови имиња и комбинација на младост и искуство, Работнички ќе се обиде да направи чекор напред во однос на минатата сезона. Амбицијата е јасна – борба за финале и постепено враќање на клубот на позициите кои традиционално му припаѓаат.