Голема чест: Лука Настов ќе му помага на Тринкиери во грчки ПАОК!

Андреа Тринкиери ќе биде предводник на новиот амбициозен проект на ПАОК, а италијанскиот стратег во Солун повторно ќе соработува со српскиот тренер Лука Настов, со кого претходно заедно работеа во Партизан.

Грчкиот клуб официјално го претстави Настов, кој според српските медиуми има и македонско потекло, како дел од новиот стручен штаб, кој треба да го подигне ПАОК на повисоко ниво во претстојниот период. Настов е роден на 1 јули 1995 година во Ќуприја, а дипломирал на Факултетот за спорт во Белград, на насоката за тренери. Најголем дел од досегашното искуство го стекна во Партизан. Токму таму првпат соработуваше со Тринкјери, а потоа остана во белградскиот клуб сè до 2024 година.

Во тој период беше дел од стручните штабови и на Владо Шќепановиќ, нашиот Сашо Филиповски и Жељко Обрадовиќ, со што доби можност да работи со неколку тренери со различни кошаркарски филозофии. За време на неговиот престој во Партизан, „црно-белите“ освојуваа трофеи во АБА-конкуренцијата, како и Купот „Радивој Кораќ“.

Настов по заминувањето од црно-белиот табор се пресели во Турција и му се приклучи на стручниот штаб на Дејан Радоњиќ во Бахчешехир. Турскиот состав во тој период стигна до полуфиналето во Еврокупот.