Шокантна исповед на грчка кошаркарка: Грците се расисти - ме мразат зашто сум црна!
Таа е родена и израсната во Грција, нејзините родители се од Нигерија, а во моментов настапува за грчката репрезентација на ЕП за кошаркарки до 16 години од Б-дивизијата. Младата кошаркарка на Панатлитикос Сикеон реши јавно да зборува за навредите што ги трпи откако Грција обезбеди пласман во финалето. Нејзината исповед ја покажува грдата страна на дел од грчката јавност, која очигледно и во 2026 година има проблем да прифати дека девојка родена и израсната во Грција, но со поинаква боја на кожата, може со гордост да го носи националниот дрес.
„Половина од Грците ме мразат само затоа што имам поинаква боја на кожата. Ми велат дека не заслужувам да играм за Грција, како мојата вредност како спортист да е одредена од бојата на мојата кожа“, напиша Итоја.
Шеснаесетгодишната кошаркарка потенцира дека самата решила да настапува за земјата во која е родена и која ја чувствува како свој дом.
„Во моментов можев да бидам во Нигерија и да играм таму, но ја избрав земјата во која сум родена, земјата во која пораснав и земјата која ја нарекувам свој дом“, порача младата грчка репрезентативка.
Расистичките напади, сепак, не успеале да ја поколебаат. Итоја испрати моќна порака до сите кои ја навредуваат и го оспоруваат нејзиното право да настапува за Грција.
„Можете да ме осудувате, да се сомневате во мене и да се обидувате да ме урнете, но никогаш нема да ме дефинирате“, порача таа.
Итоја најави дека ќе продолжи да работи и да се бори и дека со гордост ќе го носи грчкиот национален дрес. Нејзината исповед, сепак, отвори многу посериозно прашање за расизмот со кој и понатаму се соочуваат спортистите со имигрантско потекло во Грција, а особено загрижува фактот што во конкретниот случај мета е девојка од само 16 години.