Хет-трик на Дориев за зацврстување на првото место на листата на стрелци (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентаивец Љупчо Дориев продолжува да ја тресе противничката мрежа во шампионатот на Узбекистан.

Согдијана славеше на гостувањето кај Машал со убедливи 3-1, а Дориев ги постигна сите три гола за својот тим што е негов прв хет-трик оваа сезона. Нашиот фудбалер го отвори резултатот во петтата минута, потоа погоди од пенал во 48. и зголеми на 3-0 по точно еден час игра. Домаќинот дојде до почесен гол во судиското продолжение.

Со овој хет-трик, струмичанецот стигна до 11 гола оваа сезона и се зацврсти на првото место на листата на стрелци во првенството на Узбекистан, со два повеќе од второпласираниот Хожимирзаев од Динамо Самарканд кој викендов погоди двапати.

Интересно е тоа што Дориев досега постигна безмалку половина од вкупниот број голови на Согдијана (26), но неговата одлична форма не се огледа во резултатите бидејќи тимот се бори за опстанок и има 15 бода со кои се наоѓа на 13. место од вкупно 16 екипи во лигата.