Македонските јуниори првпат победија на ЕП - ја совладаа Шведска!
Ова, сепак, значи обезбеди место во разигрувањето за пласман од деветтото до 16. место. Избраниците на селекторот Миодраг Тодоровиќ имаа многу проблеми во првото полувреме, но по паузата целосно го променија ритамот на играта и со далеку подобра одбрана и поефикасен напад стигнаа до заслужен триумф.
Пресвртот се случи во третата четвртина, кога Македонија направи серија од 10-0 и од неизвесен резултат се одлепи на 47-36. Во последниот период предноста достигна и двоцифрени 56-44, а иако Швеѓаните успеаја да намалат на само пет поени негатива (61-56), нашите кошаркари не дозволија драматичен финиш и рутински ја приведоа средбата до крај.
Најзаслужен за победата беше капитенот Григориј Ѓорѓевиќ, кој одигра извонреден натпревар и беше на чекор до трипл-дабл. Тој средбата ја заврши со 17 поени, 11 асистенции и осум скока, за индекс на корисност 30. Одлична партија прикажа и центарот Михајло Малиниќ, кој запиша дабл-дабл учинок од 11 поени и 10 скока, а со +21 беше убедливо најкорисниот кошаркар на теренот според плус-минус статистиката.
Македонија подоцна денеска ќе го дознае ривалот во разигрувањето за пласман од деветтото до 16. место, а можни противници се селекциите на Велика Британија, Белгија и Ирска.