Играл и во НБА: МЗТ го потпиша Американецот што му даде 27 поени лани во АБА2!

Македонскиот шампион МЗТ Скопје продолжува со засилувањето на ростерот за новата сезона, откако денеска и официјално потпиша договор со американскиот плејмејкер Ноа Фарахан.

Станува збор за 25-годишен кошаркар висок 185 сантиметри, кој зад себе веќе има едногодишно европско искуство, но и настапи во Летната НБА-лига. Тој минатата сезона ја почна во босански Студент, по што настапуваше за Игокеа и Борац Бања Лука, а сезоната ја заврши во словачкиот прволигаш Комарно. Универзитетската кариера ја започна во Источна Каролина, а потоа по една сезона играше за Вест Вирџинија и Хамптон.

Минатото лето доби шанса и во дресот на Сан Антонио спарс, за кој одигра четири натпревари во Летната НБА-лига. Македонската публика добро го памети од дуелите во АБА2 лигата, каде што против МЗТ Скопје одигра одличен натпревар и постигна 27 поени со седум асистенции. И покрај неговата одлична партија, аеродромци славеа на гостински терен со 85-82.

Фарахан е второто странско засилување на МЗТ Скопје ова лето, по босанскиот крилен центар Емир Крајиниќ. Претходно договорите со клубот ги продолжија Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Маслинко и Андреј Андоноски, додека во тимот се вратија Лука Стојановски и Никола Василевски. Тренер на екипата и понатаму ќе биде Васко Атанасов, кој во новата сезона ќе го предводи МЗТ Скопје во битката за домашните трофеи, како и во настапите во АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот.