Неочекувано: Бразилскиот бисер сака да го напушти Манчестер Сити!
Дваесет и едногодишниот офанзивец смета дека дошло време да направи нов чекор во кариерата и да пронајде средина во која ќе има многу позначајна улога и ќе игра во континуитет. Иако минатата сезона забележа 36 настапи во сите натпреварувања, најголемиот дел од нив беа како резерва или во рамките на ротацијата на Гвардиола. Савињо одигра вкупно 1.502 минути, при што постигна четири гола и запиша две асистенции, но не успеа да се избори за место меѓу стартерите.
Според информациите од Англија, Бразилецот веќе ја соопштил својата желба на клупското раководство, кое сега ќе треба да донесе конечна одлука. Во Манчестер Сити не сакаат лесно да се откажат од еден од најперспективните играчи на својата генерација, па како опции се разгледуваат продажба, позајмица или негово останување на „Етихад“.
До затворањето на преодниот рок се очекува сериозен интерес од повеќе европски клубови, кои внимателно ја следат ситуацијата. Савињо и понатаму важи за еден од најголемите таленти на својата позиција, па неговата иднина би можела да биде една од поинтересните приказни до крајот на летниот трансфер-период.