Полјаците во војна поради Чурлинов: Ќе видиш каде ќе биде твојот клуб со Дарко, а каде мојот (ФОТО)
По тврдењата дека сопственикот на Погон Шчечин, Алекс Хадитаги во последен момент го „грабнал“ македонскиот интернационалец од Роберт Добзицки и Видзев, полските медиуми сега објавуваат дека Чурлинов воопшто не планирал да потпише за клубот од Лоѓ. Според овие тврдења, македонскиот репрезентативец бил незадоволен од организацијата во Видзев, начинот на кој бил третиран за време на лекарските прегледи, но и за време на преговорите со челниците на клубот.
Ова значи дека Погон, како што тврдат полски извори, не бил единствената причина зошто трансферот во Видзев пропаднал. Во меѓувреме, сопственикот на Погон, Алекс Хадитаги, јавно објави пораки од Лукас Масловски, еден од директорите на Видзев, кој ќе ја преземе својата функција дури на 10 август, испраќајќи порака на социјалната мрежа X што брзо привлече внимание. Масловски со заканувачки тон му пишува на Хадитаги дека „ќе види каде ќе бидат Видзев и Дарко за две години, а каде ќе биде неговиот тим“.
„Кога ќе поканите жена на вечера, таа не е должна да се заљуби во вас“, напиша, меѓу другото, Хадитаги, алудирајќи на фактот дека Чурлинов не бил должен да ја прифати понудата на Видзев.
Оваа изјава дополнително ја разгоре дебатата во полскиот фудбал, каде што неуспешниот трансфер на македонскиот репрезентативец е една од главните теми последните денови. Чурлинов, во секој случај, се врати во Полска, каде што претходно ги бранеше боите на Јагелонија.