Кукуреља намерно не ја врзува косата кога е на терен - причината ќе ве расплаче!

Долгата, кадрава коса на Марк Кукуреља со години е негов заштитен знак, но малкумина знаат дека зад препознатливиот изглед на шпанскиот репрезентативец се крие трогателна семејна приказна.

Ѕвездата на Шпанија не ја носи косата пуштена поради имиџ, суеверие или моден тренд, туку причината е многу подлабока – неговиот најстар син Матео, на кого му е дијагностициран аутизам. Во документарецот на „Амазон Прајм“, Кукуреља и неговата долгогодишна партнерка Клаудија Родригез откриваат дека токму долгата коса му помага на Матео лесно да го препознае својот татко на теренот. Во морето од играчи со исти дресови, кадравата коса е најлесниот ориентир за момчето, кое во секој момент може да го пронајде својот херој.

Поради тоа, Кукуреља не ја крати и не ја врзува косата, бидејќи тој мал гест за неговиот син значи многу повеќе отколку што изгледа на прв поглед.

„Матео се роди пред четири години и многу брзо забележавме дека се разликува од своите врсници. Немавме поддршка од градинката и поминавме низ најтешките месеци во нашите животи. Секој ден го остававме таму, а потоа се враќавме дома плачејќи“, раскажува Клаудија, која во тој период била бремена со нивниот втор син Рио.

Кукуреља признава дека прифаќањето на дијагнозата било тежок процес.

„Добро, вашето дете има аутизам, но никој родител не е подготвен за тоа. Моравме многу да учиме и да се приспособуваме“, изјави шпанскиот репрезентативец.

Поради специфичните потреби на Матео, семејството морало целосно да го промени начинот на живот. Од секојдневните рутини до планирањето на одморите, сè се организира според потребите на момчето, бидејќи секоја промена на околината за него претставува голем стрес.