Италијанците сакаат Гвардиола да им го спаси фудбалот, ама - немаат пари да го платат!

Новиот претседател на Фудбалската федерација на Италија, Џовани Малаго, има амбициозен план за враќање на „аѕурите“ на светскиот врв – на селекторската клупа да седне Пеп Гвардиола.

Според италијанските медиуми, легендите Паоло Малдини и Леонардо веќе отпатувале во Барселона на разговори со каталонскиот стратег, но се вратиле без голем оптимизам. Сепак, Гвардиола останува првата и најголема желба на новото раководство на федерацијата. Планот не е тој само да ја води сениорската репрезентација, туку да биде главната фигура во целосната реформа на италијанскиот фудбал, почнувајќи од младинските селекции и развојот на нова фудбалска филозофија.

Таквиот проект му е интересен на трофејниот тренер, но најголемата пречка не е само работниот ангажман. Гвардиола неодамна најави дека по долгогодишната работа сака да направи пауза и повеќе време да помине со семејството, нешто што, како што самиот призна, не успеал да го направи уште од периодот по заминувањето од Баерн Минхен. Дополнителен проблем се и финансиските услови. Италијанската федерација може да му понуди околу 10 милиони евра по сезона, додека Гвардиола двојно повеќе од тоа, што во моментов изгледа како преголема разлика.

И покрај тоа, Малаго не се откажува.

„Не верувам дека името на новиот селектор ќе биде објавено на денешното Собрание на Серија А“, кратко изјави првиот човек на италијанскиот фудбал, оставајќи простор преговорите да продолжат.

Доколку Гвардиола ја одбие понудата, списокот на кандидати повторно ќе биде отворен. Во игра остануваат Антонио Конте, Роберто Манчини и Андреа Пирло, а според дел од клубовите од Серија А, Конте во моментов ја има најсилната поддршка. Интересно е што Манчини и Малаго деновиве настапија заедно на еден традиционален турнир во Рим, по што поранешниот селектор порача дека никој не го контактирал за евентуално враќање, но дека би бил подготвен повторно да ја преземе репрезентацијата.