Нема лабаво: Ливерпул на преку 400 навивачи доживотно им забрани влез на „Енфилд“!
Акцијата е спроведена во соработка со полицијата и надлежните институции, а во рамките на истрагата е запленет имот вреден повеќе од 1,2 милиони фунти, за кој постојат сомневања дека е стекнат преку организирана препродажба на билети и перење пари. Од клубот нагласуваат дека целата операција има една цел – да се заштитат вистинските навивачи, кои со години се соочуваат со недостиг од билети поради нелегалните препродавачи.
„Ова е пример за успешна соработка меѓу полицијата и клубот во интерес на навивачите. Ќе продолжиме да преземаме мерки против оние што ја злоупотребуваат продажбата на билети“, изјави главниот инспектор на полицијата, Ник Сафилд.
Ливерпул откри и дел од резултатите од својата двегодишна борба против нелегалната продажба на влезници. Во тој период биле затворени околу 145.000 кориснички профили поврзани со препродажба на билети. Само во минатата сезона биле проверени речиси 700.000 регистрации за купување билети, при што биле блокирани повеќе од 67.000 сомнителни сметки, а дополнителни 120.000 профили биле ставени под детална проверка. Клубот, исто така, поништил речиси 3.800 билети купени преку сомнителни трансакции и повторно ги пуштил во официјална продажба, со цел да завршат кај вистинските навивачи.
Засилени се и контролите на самиот „Енфилд“, каде што во просек околу 300 лица по натпревар биле спречени да влезат поради сомнежи за злоупотреба на билети. Идентични проверки биле спроведувани и на гостувањата на Ливерпул во Премиер лигата и европските натпреварувања.