Победата против Вардар - прва на гости за Рига по четири години
Тоа го направи синоќа, во првиот натпревар против Вардар во Скопје каде Летонците славеа со 3-2 во исклучително драматичен и ефикасен натпревар. Рига беше во негатива, потоа го презеде водството, а откако Вардар израмни, успеа во завршницата повторно да се врати и да ја обезбеди победата.
Со овој триумф, Рига ја прекина серијата од девет гостински натпревари без победа во европските натпреварувања на кои доживеа осум порази и забележа едно реми. Последниот успех на гостински терен го имаше на 21 јули 2022 година, кога со убедливи 3-0 го совлада словачки Ружомберок, а единственото реми во претходните девет меча го забележа лани кај грузискиот Дила Гори, исто така во квалификациите за Конференциската лига.
Вардар, од друга страна, вторпат во низа е поразен на домашен терен откако и во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите загуби од финскиот Купс.