Димитриевски откри за кого ќе навива в недела, а еден голман посебно го импресионирал!

Столе Димитриевски зад себе има фантастична сезона во која беше еден од најважните во тимот на Валенсија, а сега во своето последно интервју зборуваше и за Мундијалот каде што искрено си го кажа својот фаворит.

Димитриевски не крие дека од самиот почеток покрај балканските селекции навива за Шпанија и очекува таа да слави во неделното финале против Аргентина.

Без никакво сомневање ја гледам Шпанија како шампион. Од почетокот на Светското првенство сум навивач на Шпанија и на балканските репрезентации. Ја сакам Хрватска, имам многу пријатели таму, но веќе 15 години сум во Шпанија и се чувствувам како дома.

Ми се допаѓа начинот на кој Шпанија изгради група и атмосфера во соблекувалната. Во тешките моменти токму тоа ги зближува играчите и им помага да одат напред. Toкму затоа верувам дека можат да станат шампиони. Тоа ќе биде добро за Федерацијата, за играчите и за целата земја. Шпанија заслужува да го освои трофејот поради групата што ја создаде и поради фудбалерите од светска класа кои ги има.

Откри македонскиот репрезентативец и дека од Мундијалот посебен впечаток му оставил неговиот колега на голот на Јапонија, Сузуки за кого очекува наскоро да се пресели и во поголем клуб.

„Сузуки од Јапонија е многу добар голман, млад е, брзо се адаптираше и покажа одлично ниво и во Парма и на Светското првенство. Понекогаш, пак, ќе прими гол, но направил сè како што треба, а напаѓачот едноставно бил подобар. Сето тоа го анализираме. Ако треба да издвојам еден голман, би го избрал него бидејќи покажа одлично ниво и верувам дека може да брани во клуб од Лигата на шампионите“

Кога е неговата кариера во прашање нема дилеми дека овој момент е најдобриот во неговата кариера.

„Без никакво сомневање. Физички се чувствувам многу силно, а ментално отсекогаш сум бил цврст. Мислам дека минатата сезона беше мојот најдобар период во кариерата, но сакам да работам уште повеќе за да достигнам уште повисоко ниво и да му донесам повеќе бодови на тимот.

Имам голема доверба во себе и во работата што ја правам секој ден. Во сите клубови каде што сум бил, пристигнував со смиреност и почит, а сè сум заработувал со работа. Истото се случи во Гранада, Рајо Ваљекано и сега во Валенсија. Тоа е мојот начин, да работам, да се борам и да го постигнам тоа што сум го замислил“, истакна македонскиот чувар на мрежата.