Ѓорческа ја прескокна првата пречка во квалификациите за Вимблдон!

Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа, успешно ги започна квалификациите за гренслем-турнирот „Вимблдон“, откако денеска во првото коло ја совлада Анџела Болуда Фрита (Шпанија) со 2-0 во сетови.

Тетовчанката до победата стигна по еден час и 19 минути игра, покажувајќи моќна игра во клучните моменти од мечот. По израмнетиот почеток, Ѓорческа прва стигна до брејк и поведе со 3-1 во воведниот сет. Македонската тенисерка потоа спаси брејк-топка на свој сервис, а со уште еден одземен гем на сервис на противничката го доби сетот со убедливи 6-2. Вториот сет донесе многу поголема неизвесност. Двете тенисерки не беа сигурни на свој сервис и разменија неколку брејка, но во решавачките моменти подобро се снајде нашата Лина. При водство од 5-4, таа искористи прва меч-топка и со 6-4 го завери пласманот во следната рунда.

Ѓорческа во второто квалификациско коло, од вкупно три потребни за место во главниот жреб, ќе се соочи со Франциска Жорхе од Португалија. Натпреварот е закажан за в среда.