Легендарен македонски тренер ѝ се враќа на кошарката – ќе предводи тим од Романија!

Поранешниот селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Заре Марковски, по двегодишна пауза повторно се враќа во тренерските води, откако е именуван за нов шеф на стручниот штаб на романскиот прволигаш СЦМ Крајова.

За легендарниот македонски стратег ова претставува враќање во Романија, земја во која веќе има изградено силна репутација. Марковски во периодот 2017-2018 работеше како селектор на романската репрезентација, а сега ќе го преземе клубот во кој од 2018 до 2021 година работеше и Александар Тодоров.

Марковски важи за еден од најреномираните македонски кошаркарски стручњаци во странство и ужива голема почит во романската кошарка, па неговото враќање не претставува изненадување. Неговиот последен ангажман беше во 2024 година, кога го предводеше италијанскиот прволигаш Пистоја, по што следуваше двегодишна пауза од тренерската работа.

Тој ја предводеше Македонија кон историскиот настап на ЕП 1999, кој беше прв за нашата селекција на континенталните собири.