Лудница во Медисон Сквер Гарден: Њујорк се врати од -22 и го одбрани домашниот терен (ВИДЕО)
Натпреварот имаше ретко виден тек, го обележаа големи осцилации во играта на двете екипи и огромен пресврт бидејќи Њујорк успеа да стигне до победата откако губеше со 22 разлика во последната четвртина. Кливленд подобро го отвори мечот, имаше водство од шест поени во почетната фаза, Њујорк брзо се врати и на крајот на првиот период водеше со седум, а во вториот период и со 11 разлика.
Следуваше нов пресврт, Кавс доминираа во цела трета четвртина за во последната да стигнат до највисоките +22 (93-71) на осум минути пред крајот. Се чинеше дека Њујорк е готов, но домашните кошаркари дури тогаш го извадија најдоброто од себе. Тргнаа со серија од 18-1, а тројката на Брансон ја запали публиката во Медисон Сквер Гарден. Од големата негатива, Никс се избори за продолжение во кое на своја страна ја имаше психолошката предност и буквално го уништи противникот.
Од моментот кога водеше со 22 разлика, до крајот на мечот, вклучувајќи го продолжението, Кливленд постигна само 11 поени од кои едвај три во дополнителните пет минути.
Џејлен Брансон постигна 38 поени, Микал Бриџис имаше 18, додека Ануноби, Таунс и неуморниот Џош Харт додадоа по 13. На другата страна, Мичел постигна 29 поени, а Харден и Мобли додадоа по 15.
И вториот натпревар се игра на теренот на Њујорк каде Кливленд ќе има нова шанса за брејк во оваа серија.