ПСЖ не постигна три гола, ама пак ќе игра во финалето од ЛШ (ВИДЕО)

Минатата недела, по првиот меч во Париз, тренерот на ПСЖ, Луис Енрике изјави дека на реваншот, на неговиот тим ќе му бидат потребни најмалку три гола за да го помине Баерн и да се пласира во финалето од Лигата на шампионите.

„Светците“ не постигнаа три гола вечерва, всушност им беше доволен само еден и со 1-1 во Минхен стигнаа до второто финале по ред и трето во историјата. Луис Енрике покажа зошто е можеби најдобар тренер на денешнината, одлично го запре Баерн, ја умртви играта, а тоа повеќе му одговараше на неговиот тим.

Клучниот момент вечерва се случи уште во третата минута кога Кварацкелија доби една топка по левата страна, одлично се проби и го проигра Дембеле, а најдобриот играч за 2025 година со фантастичен удар ја смести топката во мрежата на Ноер. Во тие моменти, веројатно сите помислија дека ќе се повтори првиот меч на кој имаше девет гола, но на вториот гол се чекаше дури до четвртата минута од судиското продолжение кога Хари Кејн успеа да го израмни резултатот..

Фудбалерите на Баерн жестоко протестираа во два случаја во првото полувреме, сметајќи дека треба да им биде досуден пенал, но главниот судија не ги прифати нивните барања. Во второто полувреме Кварацкелија можеше да стави точка, ама не се снајде најдобро во противничкиот шеснаесетник. Иако ПСЖ има фантастичен офанзивен потенцијал, покажа дека може игра одлично и во одбраната и до судиското продолжение не дозволи да се затресе неговата мрежа. 

Во финалето на 30 мај во Будимпешта, парискиот клуб ќе се сретне со Арсенал кој беше подобар од Атлетико со вкупен резултат 2-1.