МЗТ искусно го „згасна“ оганот во Куманово и дојде до 14. трофеј во Купот (ФОТО)

Екипата на МЗТ Скопје продолжува немилосрдно да доминира во македонската кошарка, откако со вечерашниот релативно лесен и убедлив триумф во финалето против Куманово (96-70) дојде и до 14. пехар во Купот на Македонија – четврти по ред.

Аеродромци не потклекнаа пред пеколната атмосфера што ја направија домашните навивачи, кои речиси двојно го надминаа капацитетот во кумановската сала. Разликата во класа беше очигледна, а кумановци го платија данокот на жестокиот ритам и играњето три средби во три меча со релативно кратка ротација.  Домаќинот беше рамноправен само во првите шест-седум минути во кои во неколку наврати имаа минимална предност, но потоа „металците“ уфрлија во петта брзина. Избраниците на тренерот Васко Атанасов на крајот од првиот и почетокот од вториот период направија серија 17-3 со кои дојдоа до првото убедливо водство (32-19), кое на момент го зголемија дури и на плус 19 (44-25).

Момците предводени од легендарниот Марин Докузовски имаа желба да направат пресврт, но не и доволно енергија, што гостите од Скопје го искористија и со жесток почеток на третата четвртина и серија 14-4 дојдоа до огромни плус 25 (62-37) како потврда на крајниот епилог. Нешто подоцна предноста се искачи и на уште повисоки 72-45, по што како да дојде до мало опуштање кај гостите од Скопје. Кошаркарите на Куманово тоа го искористија и со серија 8-1 намалија на „само“ минус 20 (73-53) на крајот од овој дел од натпреварот.

Мак Смит со 23 поени беше најефикасен во тимот на МЗТ Скопје, Гил додаде 13, а Танасковиќ и Магдевски по 12. Кај МКК Куманово, Митевски, Луковиќ и Ѓуроски постигнаа по 13 поени.