Кошаркар без презиме на дресот му донесе историско финале на Куманово (ФОТО)

Екипата на МКК Куманово е вториот финалист во Купот на Македонија откако вечерва го совлада ТФТ со 87-79.

Тоа е историско, прво финале за клубот формиран пред пет години и утре ќе се обиде да дојде до првиот трофеј во домашната кошарка како за себе, така и воопшто за кумановските екипи. По истиот рецепт како вчера, МКК Куманово го реши прашањето околу победникот во финишот, поточно во второто полувреме кое го доби со 42-34.

Херој на кумановци беше босанскиот интернационалец Немања Николиќ кој на својот дрес немаше ниту презиме и само стоеше бројот 1. Тој го засили МКК Куманово во декември и досега одигра пет натпревари во првенството, но денешниот е најдобар за него за сегашниот клуб. Постигна 31 поен со седум тројки од девет обиди, а единствен лош сегмент во неговата игра беа загубените топки кои ги имаше дури 11. 

ТФТ ја испушти својата шанса во првото полувреме, прво во моментите кога имаше предност од пет разлика и имаше напад, а потоа кога ги достигна највисоките +8 (34-26). Последната четвртина беше исклучително неефикасна, беа постигнати вкупно 24 поени, но тоа му одговараше на домашниот тим кој ја задржа предноста и обезбеди пласман во финалето.

Покрај Николиќ, кај МКК Куманово се истакнаа уште Луковиќ со 17 поени и 10 скока и Стевановиќ со 11 поени и девет скока. Дејвис го предводеше ТФТ со 24 поени. За својот прв трофеј во историјата, МКК Куманово утре ќе се бори со 13-кратниот освојувач МЗТ Скопје.