Модриќ: Многу сум среќен кога слушам што ми пеат навивачите - тоа е привилегија!

Лука Модриќ синоќа го постигна својот втор гол во Серија А со кој му донесе победа на Милан на гостувањето кај Пиза, фановите се многу задоволни од изданијата на искусниот Хрват.

Со 40 години и 157 дена, Лука Модриќ стана третиот најстар стрелец во историјата на Серија А, пред него се само легендите на Милан, Алесандро Костакурта и Златан Ибрахимовиќ.

„Беше важно за нас, не можевме да си дозволиме да не победиме. Знаевме дека овие бодови се клучни за да останеме во трката за титулата и го направивме тоа“, изјави Модриќ за ДАЗН Италија.

„Се опуштивме малку во второто полувреме и не бевме доволно внимателни, поради што постигнаа гол. Затоа го зголемивме притисокот, тргнавме напред и го постигнавме тој гол, што е многу важно за нас. Среќни сме со победата. Секој натпревар во Серија А е тежок, мора да продолжиме да работиме и да бидеме подобри“, додаде тој.

Навивачите на Милан во еден момент му посветија песна позната од навивачите на Наполи која ја пеат за Диего Армандо Марадона. 

„Привилегија е да ги слушнам како ми ја пеат оваа песна. Ви благодарам многу, многу сум среќен што ја слушам“, рече Модриќ.