Наследникот на Лука Модриќ бил злоставуван од соиграчите во Реал Мадрид!

Серхат Пекмезџи, фудбалскиот ментор на Арда Ѓулер, изнесе сериозни обвинувања на сметка на Реал Мадрид, тврдејќи дека младиот турски фудбалер е жртва на мобинг во соблекувалната на шпанскиот гигант.

Во интервју за турските медиуми, човекот кој одигра клучна улога во развојот на Ѓулер во Фенербахче, истакна дека ваквиот развој на настаните не го изненадил, иако самиот играч не се пожалил директно.

„Иако Реал Мадрид е мегаклуб, Арда трпи мобинг. Тој никогаш не ми се пожали, но знаев дека ова ќе се случи. Му реков да биде трпелив. Злоставувањето доаѓа од соиграчите. Таму постои група која не може да го прифати Арда. За жал, станува збор за играчи со многу големо его. Тој е исклучително трпелив, но почна да се бунтува“, изјави Пекмезџи.

Според неговите зборови, проблемите во соблекувалната на Реал се далеку подлабоки и имале влијание и врз тренерските решенија во клубот. Пекмезџи тврди дека токму токсичната атмосфера ја спречила соработката со Јирген Клоп, како и дека го забрзала заминувањето на Чаби Алонсо.

„Клоп јасно ставил до знаење дека одредени играчи мора да си заминат за тој да дојде. Затоа не се реализира таа идеја, а истата причина стои и зад заминувањето на Чаби Алонсо“, додаде тренерот.

Ѓулер пристигна во Реал Мадрид во летото 2024 година, во трансфер вреден 20 милиони евра, и беше најавуван како еден од клучните играчи на иднината, па дури и како наследник на Лука Модриќ во улогата на креатор на играта. Оваа сезона одигра 35 натпревари, постигна три гола и запиша 12 асистенции, додека вкупниот учинок во дресот на Реал изнесува 12 погодоци и 23 асистенции на 96 натпревари.