Ќерката на Родман стана најплатена фудбалерка – Роналдо тие пари ги заработува за три дена!

Една од најголемите ѕвезди на американскиот женски фудбал, Тринити Родман, го продолжи договорот со Вашингтон Спирит до 2028 година и со тоа влезе во историјата како најплатена фудбалерка досега.

Според американските медиуми, новиот договор ѝ носи повеќе од еден милион долари по сезона, додека со вклучени бонуси и статусот „играч со висок импакт“ (ново правило во НВСЛ-лигата), вкупната заработка може да достигне и околу два милиона долари годишно. Со тоа, Родман не само што е најплатена во САД, туку и најплатена фудбалерка во светот во моментов. Колку за споредба, најплатениот фудбалер во светот, Кристијано Роналдо, тие паари ги заработува за само – три дена.

Родман зад себе веќе има и голем репрезентативен успех – таа со селекцијата на САД освои олимписко злато во Париз, со што го потврди статусот на клучна фигура во американскиот женски фудбал. Дополнително внимание во јавноста привлекува и нејзиното семејно потекло, со оглед што е ќерка на легендарниот и контроверзен НБА-шампион Денис Родман, но нивниот однос со години е нарушен.

„Тој не е татко. Можеби по крв, но ништо повеќе од тоа“, изјави Тринити во еден подкаст, а подоцна и самиот Денис Родман јавно ѝ се обрати преку социјалните мрежи, извинувајќи се за отсуството во нејзиниот живот и ветувајќи дека ќе продолжи да се обидува да воспостави контакт.

Во приватниот живот, Тринити е во врска со Бен Шелтон, моментално седми тенисер во светот. Нивната романса беше откриена минатата година, а американската спортска јавност со интерес ја следи една од најпознатите млади спортски двојки во САД.