Дали сте знаеле: Дедо Мраз има свој фудбалски клуб кој двапати банкротираше и - уште игра!
Клубот е основан во 1992 година со спојување на двата локални тима, а идејата се родила меѓу „вилениците на Дедо Мраз“, кои за време на паузите од пакувањето подароци играле фудбал на снегот. Основачите дури побарале дозвола од самиот Дедо Мраз да го користат неговото име – дозвола која, според приказната, била дадена, а тој станал и почесен тренер што традиционално присуствува на првиот натпревар во сезоната.
Наместо финската верзија „Јоулупуки“, клубот свесно го избрал англиското име „FC Santa Claus“ со цел да привлече меѓународно внимание. Тимот настапува во црвено-бели дресови, налик на оние на Дедо Мраз, а играчкиот кадар главно го сочинуваат локални студенти и работници, од кои дел работат и во поштенската служба што ги прима писмата наменети за Дедо Мраз.
Иако денес се натпреварува во шестиот ранг на финскиот фудбал, клубот има и значително посветли моменти во минатото. Тој дури 14 сезони поминал во третата лига (Каконен), а најблиску до историски успех бил во 2010 година, кога на чекор до влез во втората лига бил запрен во баражот од ХИФК од Хелсинки. Сепак, приказната не секогаш била бајковита. Клубот со години се соочувал со сериозни финансиски проблеми. Во 2012 година прогласил банкрот поради долг од 20.000 евра и бил реорганизиран, а и покрај спонзорствата со големи брендови како „Пума“ и „ЕА Спортс“, проблемите продолжиле. Катастрофалната сезона 2016 донела испаѓање од третата лига со само осум освоени бодови и дури 102 примени гола, меѓу кои и пораз од 0-16 од AC Кајаани – натпревар на кој тимот отпатувал со само 11 играчи, од кои двајца голмани морале да играат во нападот.
И покрај спортските и финансиските удари, името на клубот му донело моменти за кои многу поголеми екипи можат само да сонуваат. Во 1997 година во Рованиеми гостувал англискиот Кристал Палас, а иако домаќините загубиле со 0-5, натпреварот го следеле околу 5.000 гледачи. Врвот на глобалната популарност доаѓа со партнерство со кинеска компанија, која двапати го водела клубот на турнеја, вклучувајќи и ревијален меч против легенди како Алесандро Дел Пјеро и Мајкл Овен. Сепак, ни тоа не било доволно за стабилизација и во 2019 година следел нов колапс.
По второто гаснење, се чинело дека приказната е завршена. Но, во 2021 година, младинската школа на клубот повторно ја активирала сениорската екипа, предводена од германскиот тренер Ралф Вундерлих, враќајќи го старото име и изворната идеја. Денес фокусот не е на резултатите, туку на заедницата, забавата и љубовта кон фудбалот.