Фудбалер во Бурунди се задушил среде меч – голтнал амајлија што спречува црна магија!

Трагичен инцидент го одбележа натпревар од втората фудбалска лига во Бурунди, откако 24-годишниот играч од средниот ред, Аиме Герик, го загуби животот за време на меч одигран во саботата.

Смртта настапила поради задушување, откако фудбалерот наводно проголтал паричка што ја држел во устата, со што му биле блокирани дишните патишта. И покрај брзата интервенција и укажаната медицинска помош на теренот, Герик починал за време на транспортот кон болница. Подоцнежните информации откриваат дека не станувало збор за обична паричка, туку за таканаречен „грис-грис“ – амајлија која во одредени делови на Африка се користи како заштита од црна магија или за носење среќа. Според локалните извештаи, ваквите предмети често се поврзуваат со верувања во вештерство и ритуали кои имаат за цел да влијаат врз исходот од спортските натпревари.

Практиката на консултирање со локални волшебници и користење амајлии е, според повеќе извори, сè уште присутна во фудбалот во Бурунди, иако официјално е забранета. Овој трагичен случај повторно ја отвори темата за опасностите од ваквите ритуали.