Фудбал на албански начин: Голман прими два гола, па го фрли дресот и - си замина (ВИДЕО)

Скандалозни сцени во албанскиот фудбал го одбележаа натпреварот меѓу Вора и Билис, на кој гостинскиот голман Жереми Вашо направи потег каков ретко се гледа на фудбалските терени – самоволно го напушти теренот среде натпревар.

Инцидентот се случи во 44. минута, при водство на домаќинот со 2-0. По добиен жолт картон, Вашо целосно ги изгуби нервите и без никаква повреда или договорена измена, реши сам да излезе од игра. Неговата постапка ги шокираше соиграчите и стручниот штаб на Билис, а реакцијата на тренерот јасно покажа дека станува збор за неочекуван и непланиран потег.

Голманот едноставно помина покрај клупата, го соблече дресот и се упати кон соблекувалната, по што беше заменет со Ренато Беќај. До крајот на мечот, Вора постигна уште два гола, додека Билис намали за конечни 1-4, но резултатот остана во сенка на скандалот што ја одбележа средбата.

Инаку, Жереми Вашо во Албанија пристигна од Швајцарија, каде настапуваше за Лозана. Фудбалската кариера ја започна во француски Ланс, а потоа бранеше и за Орлеан и Денкерк, додека еден дел од сезоната мина и во Венецуела, како член на Карабобо.