Вардар и Пелистер со лесни победи се загреаја за меѓусебната пресметка (ФОТО)

Со три натпревари, денеска почна 15. коло од ракометната Суперлига, а фаворитите не дозволија изненадувања.

Лидерот Вардар на домашен терен го победи Тиквеш со 31-27. Триумфот не е многу убедлив, но исто така во ниеден момент не беше доведен во прашање бидејќи „црвено-црните“ постојано имаа комотна предност. Тиквеш се држеше само во почетните минути кога беше 2-2, Вардар потоа направи серија од 6-1, а најмногу што подоцна гостите успеаја да се доближат беше три разлика. Во второто полувреме водечкиот тим на табелата повторно се одлепи и остана само дилемата со кој резултат ќе заврши овој меч.

Кавада и Митровиќ со по пет гола беа најефикасни кај Вардар, а Хориха постигна четири. Најефикасен на мечот беше ракометарот на Тиквеш, Димитар Коцев со осум гола од исто толку обиди.

Шампионот Пелистер го истури целиот бес за последните неуспеси врз Струга која како гостин ја победи со 42-22. Домаќините некако се држеа во првото полувреме кое битолчани го добија со 20-14, но во вториот дел бранителот на титулата немаше милост и оствари убедлив триумф. Петар Атанасијевиќ со 11 гола беше најефикасен во тимот на Пелистер, додека Атанасовски постигна девет за Струга.

Големото дерби на македонскиот ракомет, меѓу Пелистер и Вардар се игра идниот викенд во Битола, а во него скопскиот тим ќе влезе со максимален ефект од 15 победи на исто толку натпревари.