Вардар победнички ја заврши првата фаза во Европската лига, Тулуз падна и во Скопје!

Вардар со одлична игра во второто полувреме, особено во финишот од мечот, го победи Тулуз со 37-35 во последниот натпревар од групната фаза во Европската лига и заврши на првата позиција.

Вардарци беа фаворити на овој натпревар, но нејасно беше каков ќе биде приодот на ракометарите на Иван Чупиќ со оглед на тоа што дуелот со Тулуз немаше резултатско значење.

Македонскиот тим влезе лабаво во мечот, а тоа го искористи Тулуз и даде 18 голови во првите 30 минути, Вардар на одморот имаше негатива од два разлика, беше 18-16 за францускиот противник, но работите се променија во вториот дел.

Како одминуваше второто полувреме Вардар играше се подобро, брзо го сврте резултатот, а потоа во финишот создаде и предност за мирна завршница, конечниот резултат беше 37-35.

Хориха и Малус беа најефикасните ракометари на Вардар, постигнаа по осум гола, одличен беше и Гогов со 12 интервенции.

Во вториот меч од нашата група Кристијанштад со 28-27 го победи Сесвете па покрај Вардар и тие одат понатаму.

Вардар и Кристијанштад ќе вкрстат со Бенфика и Мелсунген во следната група од Европската лига.