Премиер лигата сака да ги ограничи платите - постои опасност од егзодус на ѕвездите!

Премиер лигата се соочува со можност за воведување на едно од најконтроверзните правила во нејзината историја, а тоа е ограничување на платите на фудбалерите, што според многумина би можело да го загрози статусот на најсилното првенство во светот. Според „Дејли Мејл“, клубовите од елитниот ранг веќе следниот месец ќе гласаат систем што би ја лимитирал потрошувачката за плати во однос на приходите.

Најостро против новиот модел се двата клуба од Манчестер - Јунајтед и Сити, кои предупредуваат дека ваквиот потег би можел да предизвика егзодус на најдобрите светски играчи и да ја урне привлечноста на Премиер лигата. Тие сметаат дека воведувањето на лимит би го нарушило конкурентскиот баланс и би создало хаос во лигата, каде новите екипи и без тоа се борат да опстанат.

Критичарите дополнително укажуваат дека англиските клубови би биле во подредена положба во однос на европските гиганти како Реал Мадрид, Барселона и Баерн Минхен, кои не би биле обврзани со слични ограничувања. Тоа, според нив, би можело да резултира со заминување на фудбалски ѕвезди како Ерлинг Халанд и Мохамед Салах, а во иднина и со егзодус на таленти во Саудиска Арабија.

„Ова ќе го уништи статусот на Премиер лигата како најдобра лига во светот и ќе го загрози целиот финансиски систем што стои зад неа. Чувството е дека нè водат во катастрофа - полека, но сигурно“, вели во изјава неименуван извршен директор од Премиер лигата.

Фото: Manchester City