
Пелистер со 17-годишен дебитант во тимот ќе проба да ја изненади Висла Плоцк!
Младиот голман Јован Мацанковски, член на кадетската екипа, ќе го има своето деби во елитното натпреварување, откако беше вклучен во составот поради повредите на Давид Брестовац и Сеид Хеидарирад. За 17-годишниот чувар на мрежата ова ќе биде прво искуство на големата сцена, иако веќе беше дел од првиот тим во мечот од домашното првенство против Охрид.
Покрај Мацанковски, шанса за прв настап во ЛШ ќе добие и полскиот бек Анжеј Видомски, додека Илија Абутовиќ се враќа во тимот по пропуштениот натпревар со Гудме. Тренерот Франциско Гарабаја повторно нема да може да смета на повредените Ристевски и Кузманоски, како и на голманите Хеидарирад и Брестовац, а овојпат од составот ги изостави Нејц Цехте и Але Хаџиќ. На другата страна, Висла ќе настапи во речиси најсилен состав – единствено ќе недостасува ветеранот Мирсад Терзиќ.