
Македонија има сигурен бараж за СП 2026! (ФОТО)
Желбата на сите е нашиот национален тим да остане таму до крајот на циклусот и да обезбеди директен пласман, прв за нас на едно планетарно натпреварување. Сепак, во случај да не успее во тоа, на македонската репрезентација ѝ е обезбеден бараж за пласман на Мундијалот и тоа, во „најлош“ случај, преку Лигата на нации каде нашиот тим го освои првото место во својата група.
Во моментов се зависи од тоа, кое место ќе го освои Македонија во групата на крајот од квалификациите. Ако биде второпласирана, ќе оди во вториот или третиот шешир при ждрепката, а ако биде трета, ќе биде во четвртиот шешир и ќе добие некој од најсилните репрезентации во Европа во моментов.
Според проекциите до моментов, најверојатни ривали на Македонија во баражот се Италија и Турција. Можно е тука да има промени до крајот на циклусот затоа што „аѕурите“ се уште имаат реални шанси за првото место во својата квалификациска група, додека Турците, како што стојат работите, нема што да бараат против европскиот шампион Шпанија, но можат да го загубат второто место од Грузија.
До крајот на квалификациите остануваат уште четири кола кои ќе се играат в октомври и ноември и потоа ќе се знае каква е фактичката ситуација.