Перо Антиќ ќе биде амбасадор на Интерконтиненталниот куп на ФИБА

Поранешниот македонски репрезентативец и претседател на Кошаркарската федерација Перо Антиќ е именуван за амбасадор на Интерконтиненталниот куп на ФИБА што ќе се одржи од 18 до 21 септември во Сингапур.

Заедно со него, амбасадор е и некогашниот репрезентативец на Франција, Рони Туриаф кој најголем дел од својата кариера помина во НБА лигата. Интерконтиненталниот куп на ФИБА ги собира клупските шампиони на шест континенти, освојувачи на континенталните првенства под покровителство на оваа организација.

„Како играч, не настапив само на Интерконтиненталниот куп на ФИБА кој моите пријатели од Олимпијакос го освоија во 2013 година, неколку месеци откако потпишав со Атланта. Секогаш е забавно да се видат различни култури и филозофии, на и надвор од терените. Додека играв за македонската репрезентација уживав во тоа што не сум во центарот на вниманието, туку во улога на аутсајдер и затоа сум возбуден да видам кој од учесниците во Сингапур ќе биде во улога на Пепелашка“, рече Антиќ.

На претстојното издание на Интерконтиненталниот куп на ФИБА ќе учествуваат шест екипи, поделени во две групи. Во групата А се прваците на Африка (Ал Ахли од Либија), Европа (Уникаха од Шпанија) и Азија (Утсуномија од Јапонија), а во групата Б се: шампионот на Јужна Америка (Фламенго од Бразил), Австралија (Илавара Хоукс) и Северна Америка (селекција од Развојната Г лига).