Јуниорската репрезентација го почнува настапот на Европското првенство

Од денеска до 3 август, во Белград ќе се одржи Европското У18 првенство, а на него ќе учествува единствената македонската репрезентација која годинава настапува во А-дивизија.

Лани јуниорите ја освоија титулата н Б-шампионатот во Скопје и се вратија во елитата каде оваа репрезентација ќе учествува по вторпат во историјата. Првиот беше пред три години во Турција и заврши неславно, со освоено 14. место кое значеше испаѓање во понизок ранг. Македонската репрезентација е во групата Ц во која ривали ќе ѝ бидат Литванија, Грција и домаќинот Србија. На хартија, нашата селекција е аутсајдер, но системот на натпреварување на овие шампионати прави важноста на првенството да се префрли на втората фаза. Сите четири репрезентации поминуваат во осминафиналето, а Македонија потоа вкрстува со селекциите од группта Д каде се Шпанија, Белгија, Словенија и Летонија. Најважно е во конечниот пласман да не бидеме меѓу трите најслабо пласирани репрезентации бидејќи тие испаѓаат во Б-дивизијата.

„Подготовките беа успешно завршени. Се трудевме, најреално, да ги избереме дванаесеттемина. Условите за тренинг ни беа одлични. Одигравме пет пријателски натпревари, а единствен проблем беше тоа што четири од нив, беа со екипи од „Б“ дивизијата, и на тој начин немаме јасна претстава на кое ниво ни е екипата во споредба со оние од ‘А’ дивизијата. Играчите кондициски се максимално спремни, трчаат феноменално во одбрана и транзиција во напад.

Ослабени сме за Лука Марјановиќ, нашиот прв плејмејкер на екипата, како и пропуштањето на можноста Бутемер да добие македонски пасош каде за седум дена, како временски простор, ја загубивме таа можност. Со него екипата би имала друг лик, и би била многу посериозен противник. Тука не сме да се предадеме предвреме како во минатото. Напротив, размислуваме за победа на секој натпревар. Ќе се бориме за сигурен опстанок и што подобар пласман. И покрај тоа што имаме најмлада репрезентација на првенството, во која дури осум играчи се родени 2008 година, ќе се обидеме со добра игра, да ги натераме противниците да нè респектираат како што ние ги респектираме“, рече селекторот Горан Андреевски.

Прв противник на нашата селекција е Литванија, во второто коло се среќава со Грција, а во третото со домаќинот. Натпреварите се играат во Белградската арена.

СОСТАВ НА МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
1. Никола Јаничиќ
4. Михајло Малиниќ
6. Ристе Букршлиев
7. Жарко Терзиевски
8. Дамјан Данев
9. Илин Најков
11. Филип Сребров
12. Григориј Ѓорѓевиќ
17. Марко Бајалџиев
21. Дамјан Стојаноски
23. Дарјан Димовски
55. Стефан Сапроновски
СТРУЧЕН ШТАБ
Горан Андреевски - селектор
Един Имер - асистент
Митко Мариновски - тренер
Оливер Тасков - тренер

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
26.07.2025 Македонија - Литванија 16:00
27.07.2025 Македонија - Грција 13:30
28.07.2025 Македонија - Србија 18:30